По речиси два месеци моловите повторно ги отворија вратите за своите посетители. Ја немаше вообичаената гужва. И оние ретки купувачи, беа дочекани со препораките за заштита и апаратите за дезинфекција на рацете.
Дел од продавачите ги чистеа и средуваа своите продажни рафтови, а дел од нив ги очекуваа првите клиенти.
„Средуваме, ја редиме новата роба и се подготвуваме за нашите купувачи. Се надеваме дека ќе има муштерии и дека ќе имаме промет“, вели вработена.
Бројот на граѓани е ограничен, мора да се почитува држењето на дистанца, а задолжително е носењето на заштитни маски. Очигледна е зголемената дезинфекција и на самиот простор…
Граѓаните со кои разговаравме сметаат дека одлуката за отворање на моловите е прерана.
„Мислам дека не е добро. Се уште траат вонредните мерки. На отворено не стравувам да пазарам, ама во затворен простор да“, истакна граѓанин.
„Прерана е одлуката и мислам дека требаше да почекаме барем уште еден месец бидејќи имаме многу заразени секој ден“, посочува друг граѓанин.
Џеладин Џули, директор на затворен трговски центар, вели дека во овие два месеца вработените работеле на приспособување на новите услови и реалност. Забраната за пробување на облеката во гардероберите е дел од протколот за отварањето на моловите.
„Направивме детално чистење на трговскиот центар, дезинфекција, ги сменивме филтрите на системот за вентилација, ги исчистивме сите канали. Во оваа втора фаза не смеат да се употребуваат гардероберите. Секако дека дома ќе се проба и утре може да се врати ако не ви одговара“, посочи Џеладин Џули.
Корона вирусот на многумина им го промени животот и навиките,а барем за сега ќе го промени и начинот на купување и престојот во затворените трговски центри. Согласно одлуката на Влада од вчера почнаа со работа дел од моловите, спортските обложувалници и автошколите.
