Предлог закон кој е поддржан од власта до Собранието достави пратеникот Павле Трајанов, со кој како што вели тој „монтираните случаи“ ќе бидат под лупа на Собранието.
„Значи со овој закон не се бара амнестија или аболиција туку се бара на сите оние да им обезбедиме законска можност за фер судење.“, вели Трајанов.
Има многу кои би ги користеле ова, но дефинирани се услови по кои може да се повтори постапката.
УСЛОВИ ЗА ПОВТОРУВАЊЕ НА ПОСТАПКА
- Доколку е прекршено начелото на презумција на невиност
- Доколку се користени лажни сведоци или заштитен сведок
- Користени разговори кои се нелагално прибавени
- Доколку е злоупотребен АКМИС системот
Со овој предлог-закон Трајанов вели дека ќе се открие вмешаноста на извршната власт, како и непроверката на лажните докази кои биле приложувани во одредени предмети.
„Ако има еден случај ваков е многу, но проценките се дека најмалку 30 случаи и за нив треба да се повтори постапка.“, рече Трајанов.
А меѓу нив се случаи како Шпион, Змиско око, Калдрма. Случаи кои се регистрирани како едни од најголемите кои што се одржувале во нашата држава.
Пратеникот и претседател на Демократки сојуз вели дека за овој предлог-закон има поддршка и од СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ нема одговор каков е нивниот став по овој предлог, но неофицијално дознаваме дека дел од пратениците од опозицијата ќе дадат зелено светло.
Правосудниот систем во земјава последниве години бележи позитивни промени, барем според извештаите на Европската унија. Дали тоа значи прогледување низ прсти за Македонија или навистина нешто е променето?
ИЗЈАВА: НАТАЛИ ПЕТРОВСКА – КОАЛИЦИЈАТА СИТЕ ЗА ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ
„Во поглед на усогласување на регулативата и унапредување на истата секако и несомнено се направени чекори. Меѓутоа како што напоменав, она што ни недостасува можеби за граѓаните да биде поопипливо и видливо е она што се очекува во насока на промена на кадарот кој постапува во овие институции.“, рече Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“
Трајанов пак кој е дипломиран правник со положен правосуден испит, гледа со оптимизам кон правосудството, иако вели дека досега ништо не е направено.
„Судските реформи не се ни почнати. Се договараше тим кој требаше да направи стратегија за реформи во правосудниот систем, па таму настанаа расправии, се поделија, па се ресформира, па Заев стана премиер. Значи ништо не е поместено. И натаму имаме некредибилен судски систем.“, вели Трајанов.
Актуелната Влада пак во својот мандат ветува и преиспитување на 5% од донесените судски пресуди по случаен избор.
