Мора да се согласувате, затоа што тоа е многу важно, им порача на крајот на своето обраќање германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес конференцијата со Заев и Борисов на денешниот самит на Берлинскиот процес во Софија. Алудирајќи на отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија и неодамнешното прво вето за старт на преговорите на нашата земја, таа рече дека овој состанокот е тежок.
„Овој самит е тежок но сакам да се потсетам како беше порано во Софија така што имам претстава каде се наоѓате сега во моментов и многу е добро што ни покажавте дека можете да одржите конференција и во овие тешки услови и можам да го претставам напредокот што го постигнавте. За регионот она што морам да кажам, мора да се согласувате, не заборавајте, затоа што тоа е многу важно“, истакна Ангела Меркел.
На отворањето на Самитот Заев истакна дека верува дека има политичка поддршка за почеток на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани, рече тој.
„Верувам дека имаме обновен импулс како и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани. Со најавените дури 9 милијарди евра за грантови надополнети од новиот инструмент за гаранции за Западен Балкан со кои треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра“, посочи Зоран Заев.
На прес конференцијата се обрати и бугарскиот премиер Бојко Борисов кој скоро и да не говореше за преговорите и за отворените прашања со Македонија.
„Сите лидери до еден се обединивме и го дадовме патот за перспективата за Балканот како целина, не само за Западниот Балкан, бидејќи сите овие три милијарди, плус новите 9 милијарди дава можност за огромна инфраструктура на Западен Балкан“, вели Борисов.
На отворањето на самитот покрај Меркел,поради ситуацијата со Ковид 19, он лајн се вклучи и претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. Следниот состанок на Берлинскиот процес, се најавува дека ќе се одржи во средината на идната година.
