„Може да има смртни случаи“: Париз се подготвува за најтоплата Олимпијада досега

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Водечките спортисти од целиот свет ја изразија својата загриженост за претстојните Олимписки игри во Париз, кои треба да се одржат на исклучително топло време. Претстојните игри можеби ќе испаднат најтоплите одржани досега, пишува британски „Гардијан“.

Спортистите предупредуваат дека топлината може да доведе до напади и во најлош случај до смрт за време на натпреварувањето.

Извештајот наречен „Огнени прстени: Ризиците од топлина за Олимпијадата 2024“ ги испитува претходните Олимписки игри, кои се одржаа во 2021 година во Токио. „Овие игри јасно ни покажаа колку е загрижувачка ситуацијата за Летните олимписки игри“.

Тогаш забележаните температури беа над 34 Целзиусови степени, а влажноста се приближи до 70%.

„Натпреварувачите повраќаа и се онесвестија откако натпреварите завршија. На терен, организаторите користеа инвалидски колички за да им помогнат на спортистите да ги напуштат жешките арени. Имаше и загриженост дека може да има смртни случаи за време на тениските натпревари“, се потсетува во извештајот.

Неактивноста за климатските прашања и континуираното високо ниво на употреба на фосилни горива предизвикаа температурите дополнително да се зголемат во последните три години.

„Сега знаеме дека Олимпијадата во Париз може да ја надмине Олимпијадата во Токио во однос на температурните рекорди. Ако планетата продолжи да се загрева со истото темпо, спортовите што сега ги знаеме и ги сакаме се загрозени“, коментира Ема Покок, шеф на една од организациите што ја подготви студијата.

Последните Олимписки игри се одржаа во Париз во 1924 година. Оттогаш, температурите во главниот град на Франција се зголемија во просек за 1,8 степени Целзиусови. На годишно ниво се регистрираат уште 23 „топли“ и дополнителни 9 „топли“ денови (со температури над 30 степени).

Од 1947 година, Париз доживеа 50 топлотни бранови, кои се зголемија во фреквенција и интензитет поради климатската криза. Во 2003 година, топлотен бран беше забележан во Франција во текот на месеците јули и август, што резултираше со дополнителни над 14.000 смртни случаи.

Француската метеоролошка агенција веќе предупреди дека за време на Олимпијадата времето ќе биде потопло од вообичаено.

Олимпискиот комитет предложи пакет мерки за да се избегнат проблеми поради екстремните горештини, но признаа дека има глобален проблем.

„За жал, нивото на температурен стрес кај спортистите ќе продолжи да расте во наредните години“, велат од Комитетот.

Топлото и/или влажното време го отежнува изведувањето на олимписките спортови за спортистите. Тие едвај можат да ја регулираат температурата на телото, што исто така влијае на нивните физички перформанси, особено во настаните на издржливост. Спортистите кои се натпреваруваат на екстремни жештини се изложени на ризици како што се изгореници, топлински грчеви, топлотна исцрпеност, несвестица и сончев удар.