Билјана Муратовска од Македонската транспортна асоцијација Макам-Транс во емисијата Бизнис21 на ТВ21 истакна дека македонскиот транспортен сектор се соочува со сериозни предизвици и дека државата мора да донесе национална стратегија за развој на транспортот во следните 10 до 30 години.
Муратовска посочи дека голем број од македонските превозници имаат регистрирани компании и возила во други држави, како Бугарија, Словенија или Чешка, и тоа најчесто поради пониски трошоци и подобри услови за работа.
„Нашите превозници таму работат колку што е реален капацитетот на нивните возила. Проблемот не е во тоа што некој има компанија во Бугарија или Словенија – тоа е дел од нивниот бизнис план. Проблемот е што кај нас има над 17 илјади регистрирани возила, но системот не обезбедува услови тие да останат и да работат овде,“ рече Муратовска.
Таа објасни дека транспортниот сектор во Македонија се соочува со големи административни пречки и високи давачки, додека возачите честопати чекаат и по еден месец за дозволи или потврди, што создава дополнителни трошоци и ризик од отпуштања.
„Ако нема реализација, нема ниту можност да се плати. Системот мора да се смени, затоа што не може возачите да чекаат со месеци за документ или дозвола,“ додаде таа.
Муратовска нагласи и дека во Македонија недостигаат професионални возачи, а младите сè помалку се заинтересирани за оваа професија.
„Минатата година имавме само осум нови возачи, а тоа е премалку. Потребно е системско решение – образование, курсеви, стимули. Возачите се нашите амбасадори надвор од земјата, треба да знаат историја, географија, јазици и документи. Тоа се луѓе што ја претставуваат Македонија,“ изјави Муратовска.
Таа апелираше до институциите и политичарите да покажат поголема одговорност и визија, затоа што, како што рече, „ако државата не преземе мерки, транспортниот сектор ќе продолжи да слабее, а со тоа и економијата во целина“.
