Муратовска: Специјални визи за возачите e едно од решенијата на проблемот со транспортерите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Специјални, долгорочни визи за возачите се едно од најреалните решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваат македонските транспортери, оцени Билјана Муратовска од Асоцијацијата МАКАМ Транс во гостување во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.

Муратовска посочи дека транспортот е директно поврзан со движењето на капиталот и дека застојот на превозот создава сериозни последици за големите компании, како во Европската Унија, така и кај нас. Според неа, компаниите не можат да си дозволат прекин на работата, но актуелните регулативи ги доведуваат токму во таква ситуација.

„Секојдневно сме сведоци дека државите поединечно немаат доволен капацитет да излобираат побрзи решенија, не затоа што немаат волја, туку поради комплексниот и бавен бирократски апарат. Превозниците често се оставени сами да се снаоѓаат“, истакна Муратовска.

Таа нагласи дека големите компании веќе преземаат чекори преку брзо и ефикасно менување на стратегиите и дека очекува забрзано решение, „на брза лента“, и на институционално ниво. Како можни опции ги наведе изземањето на товарниот транспорт од одредени рестриктивни регулативи или воведување петгодишни визи со повеќекратно влегување, без ограничување на бројот на денови на престој.

Според Муратовска, ваквиот модел би обезбедил двојна заштита – од една страна за превозниците, кои би имале гаранција дека возачите нема да ја напуштат работата, а од друга страна за Европската Унија, дека нема да има злоупотреби на визниот режим.

Како дополнителна можност, таа го посочи и воведувањето електронски систем за издавање визи, со што значително би се скратиле роковите за аплицирање, одобрување и чекање. Муратовска предупреди дека без јасна стратегија и системско решение, ваквите олеснувања нема да можат да се применат во пракса, а проблемот со недостигот на возачи и понатаму ќе го кочи транспортниот сектор.