Муртезани домаќин на шведската МЕП Розенкранц: Заедничка визија за проширување и стабилна Европа заснована на вредности

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово беше домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија. Во рамките на состанокот во Министерството за европски прашања се одржаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на делегациите, на кои се разговараше за европската интеграција на Северна Македонија, билатералната развојна соработка и поддршката на Шведска во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Министерот Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилитетот на политиката на проширување како еден од клучните инструменти за стабилност и просперитет на континентот. Тој нагласи дека Северна Македонија останува посветена на реформите и на спроведувањето на Копенхашките критериуми како основен патоказ за членство во Унијата. Во тој контекст беше потенцирано дека процесот на пристапување треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања кои не произлегуваат од европското право и принципи. Муртезани додаде дека обновената динамика на проширувањето е можност да се врати довербата во европската идеја и дека Северна Македонија е подготвена да биде дел од новиот бран интеграција кој ќе ја направи Европа посилна и пообединета.

На средбата се разговараше и за имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и Реформската агенда, како главни механизми за поддршка на економската интеграција и структурните реформи. Муртезани истакна дека Северна Македонија досега успешно реализираше значаен дел од обврските предвидени во првата фаза на Агендата, особено во областа на владеењето на правото, дигитализацијата и деловното опкружување. Двајцата министри се согласија дека Планот за раст претставува нова можност за економска конвергенција со единствениот пазар на ЕУ и дополнителен поттик за регионот да напредува кон одржлив раст и конкурентност.

Во рамки на разговорите беше посебно нагласено значењето на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Шведска, која се одвива континуирано преку проектите на Шведската агенција за меѓународна развојна помош СИДА, во согласност со Стратегијата за реформска соработка со Западен Балкан и Турција 2021-2027. Преку оваа програма Шведска поддржува проекти во областите на човековите права, демократијата, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и инклузивниот економски развој. Меѓу најзначајните иницијативи се соработката на државните статистички служби, зајакнувањето на капацитетите на јавната администрација, поддршката на жените во руралните средини, проектите за квалитетен воздух и одржлива енергија, како и помошта за унапредување на транспарентноста и отчетноста во институциите.

Муртезани и Розенкранц оценија дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Шведска се одликуваат со стабилност, заемно почитување и континуирано јакнење на соработката во сите области. Муртезани изрази благодарност за досегашната поддршка и уверување дека оваа посета ќе придонесе за продлабочување на заедничките иницијативи, особено во сферата на зелената и дигиталната транзиција, иновациите и економскиот развој. Во услови на глобални предизвици, соговорниците се согласија дека обединета и стабилна Европа може да се гради само преку партнерства засновани на доверба, солидарност и заеднички вредности.