Муртезани ја потврди изјавата на Агелер – „На уставните измени мора да се работи, тие се преземена обврска“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уставните измени се преземена обврска и секако дека на тоа мора да се работи. Ова го изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани кој практично го потврди она што во интервју за ТВ21 го рече амбасадорката на Соединетите Американски Држави Анџела Агелер.

Неофицијално се работи на подготвување на трет протокол за надминување на спорот за Бугарија за што неодамна и претседателката Гордана Силјановска Давкова потврди, а за кој рече дека во тој протокол ќе се бараат гаранции дека на патот кон Европската унија земјава нема повторно да биде заложник на билатерални спорови.

Муртезани рече дека најпрво ќе се вложуваат напори за затоплување на односите, а дури потоа ќе се разговара за трет протокол.

„Секако дека на уставните измени мора да се работи. Тоа е превземена обврска без која нема отворање на преговори и нема членство во Европската унија. Меѓутоа како што нагласив во моментот не може ние да зборуваме за процес на уставни измени кога сите тие наши грижи или дилеми не се соодветно адресирани. А за да бидат адресирани треба да се воспостави дијалог, редовен, да се врати довербата помеѓу двете соседни земји за да може на европски начин да градиме заедничка европска иднина“, вели Орхан Муртезани.

Амбасадорката Агелер во емисијата Клик плус на ТВ21 беше, како што рече и самата, стопроцентно убедена дека се работи на уставните измени.

„Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени.  Знам дека работат напорно во Брисел и во другите европски престолнини за да изнајдат решение. Можам да ви кажам дека се водат разговори кои го поплочуваат патот. Не знам дали е тоа ефикасно или не, оти не сум во Брисел“, рече Анџела Агелер.

За европската интеграција на Македонија говореше и министерката за европски прашања на Шведска Јесика Розенкранц на заедничката прес конференција со министерот Муртезани. И таа нагласи дека уставните измени се клучни за членство во Европската унија.

„Сметам дека откако ќе бидат спроведени уставните измени со нетрпение очекувам да ги започнеме формалните преговори за пристапување и во таа смисла ја поттикнувам Северна Македонија да ги протурка реформските напори со поддршката на Европската унија и земјите членки, реформите поврзани со владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството и спречувањето на корупцијата се од критично значење“, вели Јесика Розенкранц.

Премиерот Христијан Мицкоски уште во септември годинава посочи дека се можни некакви активности и раздвижувања за уставните измени после новогодишните празници и дека очекува промени  во делот на добивање на гаранции од европските партнери. Претседателот на СДСМ Венко Филипче пак достави резолуција за црвените линии на земјава во преговорите, но од власта тоа го отфрлија.