Во 2022 година, беше поставен вториот камен-темелник, овојпат за 400 киловолтниот далекувод од трансформаторската станица „Битола 2“ до албанската граница. Главни актери овојпат беа тогашниот премиер Димитар Ковачевски, директорот на МЕПСО Орхан Муртезани (денес министер за европски прашања), и бизнисменот Нефи Усеини како подизведувач на „Енергоинвест“.
Притисоци за анекси и слаба динамика
Според Орхан Муртезани, притисоците за милионски анекси за дополнителни средства продолжиле и во негово време:
„Иако проектот беше тендериран пред јас да станам директор, активностите беа минимални поради условувања за зголемување на цените. Ние не дозволивме покачување на цената.“
Тој потврди дека работите се одвивале со слаба динамика, а „Енергоинвест“ и „Кончар“ продолжиле да ангажираат нови подизведувачи, меѓу кои „Мобинстал“.
Во 2024 година, новиот директор на МЕПСО, Зуди Енузи Кока, го потпиша анексот со „Кончар“ за дополнителни 3 милиони евра, прифаќајќи зголемување на цените за 17% според FIDIC правилата.
„Договорот е продолжен, а банкарските гаранции се обновени. Преговорите започнаа уште во 2021 година поради финансиските импликации од Ковид-19 и војната во Украина,“ изјави Енузи.
Од новото раководство на МЕПСО тврдат дека градежните активности се засилени и проектот ќе биде завршен во рокот договорен со „Кончар“.
„Будно ги следиме активностите на терен и инсистираме на забрзување на динамиката,“ велат од МЕПСО.
За разлика од „Кончар“, босанската компанија „Енергоинвест“ останува тивка. Нејзиниот претставник во Македонија, Нусрет Куновац, не одговори на прашањата, ниту на телефонските повици.
