Муцунски: Дијалогот со Бугарија продолжува – Словачка против двојните стандарди во процесот на интеграција во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дијалогот со Бугарија продолжува, паралелно со комуникацијата со европските институции и земјите-членки на ЕУ, уверува министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Тој информираше дека секое можно решение со Бугарија треба да биде одржливо и во согласност со ставовите на земјата, но и да се обезбеди консензус од сите земји-членки на Европската Унија.

„Дијалог има. Ќе продолжиме да го водиме дијалогот. Ова е билатерален дијалог со Бугарија, но ја вклучува и нашата активна комуникација со претставниците на европските институции и со претставниците на земјите-членки. (НАДОВРЗУВАЊЕ) Како што знаете, за сите одлуки поврзани со нашата европска интеграција е потребен консензус. Тоа значи дека, какво било решение што се стремиме да го постигнеме со Бугарија, кое хипотетички би било во согласност со нашите ставови и би претставувало одржливо решение, мора да има консензус од сите земји-членки“, порача Тимчо Муцунски.

Министерот за надворешни работи на Словачка, Јурај Бланар, ја истакна поддршката на неговата земја за европската интеграција на Македонија. Тој рече дека Словачка го поддржува овој процес уште од Самитот во Солун и се спротивставува на примената на двојни стандарди во процесот на членство во Европската Унија.

„Сакам да истакнам и пред медиумите дека Република Словачка е против каков било вид двојни стандарди во процесот на членство во Европската Унија за држави како Украина, Молдавија или Грузија. Не можеме да прифатиме процесот на интеграција во ЕУ, кој се заснова на европските стандарди, да има различни критериуми за различни држави“, вели Јурај Бланар.

Министерот за надворешни работи, Муцунски, изјави дека Македонија е подготвена да прифати каква било помош и поддршка од меѓународните партнери што може да придонесе за постигнување одржливо решение со Бугарија. Коментирајќи ја понудата на Франција да помогне во олеснувањето на дијалогот меѓу Скопје и Софија, Муцунски нагласи дека целта не е привремено решение, туку долгорочен договор што ќе го избегне враќањето на земјата во сегашната ситуација. Тој истакна дека дијалогот е неопходен за да се постигне решение, без оглед на тоа дали процесот бара краток, среден или долг рок.