Муцунски за „Политико“: Треба да ги направиме сите неопходни реформи – не само поради ЕУ, туку поради силно општество

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За време на неговата официјална посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари интервју за реномираното политичко списание „Политико“.

Во разговорот, Муцунски се осврна на процесот на евроинтеграција и подвлече дека земјата сè уште не е подготвена да ги спроведе уставните измени побарани од Бугарија, освен доколку Европската Унија не даде цврста гаранција дека тоа ќе биде последниот услов од таков карактер.

„Нашата загриженост е ако ги промениме уставните измени, што ќе се случи ако Бугарија по неколку месеци постави нови барања поврзани со прашања од историјата, идентитетот или јазикот?“, изјави тој.

Министерот додаде дека Северна Македонија е подготвена и активно работи на сите други неопходни реформи, кои не се само во насока на приближување кон ЕУ, туку и како потреба на самото општество.

„Ако утре од Брисел добиеме сугестии дека е потребно засилување на реформите во сферата на правдата или управувањето – ние тоа не само што го прифаќаме, туку и го доживуваме како наша должност“, нагласи Муцунски.

Тој исто така ја истакна важноста на поширокиот геополитички контекст, велејќи дека иако го разбира забрзаниот процес за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на штета на земјите од Западен Балкан.

„Интеграцијата на регионот во ЕУ е најбрзиот и најефикасниот начин за обезбедување стабилност во Европа. Сметам дека селективниот пристап кон проширувањето не носи долгорочни решенија“, изјави министерот.

Муцунски потсети дека Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е полноправна членка на ЕУ и Шенген-зоната, користи евро и има отворени граници, нашата држава сè уште го чека почетокот на преговорите за членство.

Тој изрази уверување дека ЕУ-проширувањето е остварлива цел.

„Постојат гласови кои се скептични кон проширувањето, но Северна Македонија е дел од Европа во културна, општествена и политичка смисла. Ако ги спроведеме реформите на вистински начин, не гледам зошто некој би се спротивставил на нашето членство“, изјави тој.

Во разговорот се отворија и теми надвор од интеграцијата – Муцунски зборуваше за континуираната поддршка што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина, придонесот во рамките на НАТО, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој исто така нагласи дека нашата земја беше прва од регионот што склучи безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.