МВР предупредува: Не отворајте лажни пораки за „Безбеден град“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат особено внимателни поради зачестените „фишинг“ напади преку лажни СМС и електронски пораки, во кои измамници се претставуваат како системот „Безбеден град“.

Како што информираат од МВР, лажните пораки наводно се испраќаат од Одделот за моторни возила и содржат известување за наводно сторен сообраќаен прекршок. Во нив е поставен лажен линк преку кој од граѓаните се бара да извршат уплата.

Од Министерството нагласуваат дека целта на овие пораки е кражба на лични и финансиски податоци, поради што граѓаните не треба да отвораат сомнителни линкови ниту да внесуваат чувствителни информации.

„Апелираме граѓаните никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали. Потребно е секогаш да се провери адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции користат службени домени, како и да се користи двофакторска автентикација за дополнителна заштита на корисничките сметки“, соопшти МВР.

Од Министерството појаснуваат дека вистинските СМС известувања за сообраќајни прекршоци пристигнуваат исклучиво од испраќачот „MVR-SC“, задолжително содржат регистарска ознака на возилото и линк што започнува со https://safecountry.mvr.gov.mk.

Воедно, граѓаните се повикуваат сите сомнителни пораки да ги пријават до надлежните институции или до својата банка, доколку се сомневаат дека нивните податоци биле компромитирани.

Од Секторот за компјутерски криминал при МВР информираат дека продолжуваат со истрагите и преземаат мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваквите интернет измами.