МВР за состојбата во Синичане – полицијата е таму за одржување на јавниот ред и мир

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Податоци за сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење” прибавила синоќа полицијата на терен по добиените сознанија околу активностите за изградба на водоводна мрежа во тетовското село Синичане. Податоци и информации се прибавени и до Основното јавно обвинителство Тетово. Според портпаролот во МВР Тони Ангеловски, присуството на полициски службеници е во функција на обезбедување на јавниот ред и мир.

„Наша задача е единствено да бидат преземени сите законски мерки, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир на таа локација, за да не дојде до несакани настани со посериозни последици по мирот и безбедноста на граѓаните и тоа ќе го правиме се додека постои безбедносна проценка дека тоа може да се случи“, истакна Тони АНгеловски.

Во врска со координацијата и соработката со Јавното обвинителство, тој нагласи дека МВР соработува со обвинителството во сите случаи, како и во овој случај околу истрагата што ја води обвинителството.

„Ние како институција што е задолжена за одржување на јавниот ред и мир имаме оперативни сознанија и неколку конкретни пријави од локални жители за опасност од сериозно нарушување на јавниот ред и мир и поради тоа, на тоа место има полициски службеници. Полицијата е сервис на сите граѓани и е должна да постапи во вакви случаи“, посочи Тони Ангеловски.

Во врска со тоа дали и каде треба да се гради водовод, од МВР потенцираа дела тие немаат апсолутно никакви ингеренции и дека за тоа одлучуваат други институции.