МВР за ТВ21: Не е утврдена никаква кражба на струја во ГТЦ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По повод денешната акција во подрумските простории на Градскиот трговски центар, Министерството за внатрешни работи за ТВ21 вели дека денеска во 14.45 часот во СВР Скопје А.М. пријавил дека во магацините на ГТЦ “имало поставено машини за копање крипто валути” односно дека заради наводна интернет трговија со крипто валути, извесни лица извршиле кражба на електрична енергија, со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со крипто валути.

Од МВР велат дека полициски службеници веднаш излегле на лице место согласно пријавата.

-Извршени се разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдено е дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик.

Во август 2021година по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело „кражба на електрична енергија”, исто така е постапувано од страна на полицијата на истата локација и не е констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање на крипто валути.Имено, копањето на крипто валути не претставува кривично дело предвидено во кривичниот законик на РСМ.