МЗ: Воведена дигитална платформа за Листата на лекови – прв чекор кон целосна транспарентност и ефикасност во здравството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска промовираше нов електронски модул „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови“, со кој за прв пат ќе се дигитализира постапката за ставање нов лек на позитивната листа.

Како што информира Алиу на прес-конференција, модулот е изработен од Управата за електронско здравство во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, а ќе биде јавно достапен на интернет страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk). Системот ќе стапи во функција веднаш по објавувањето на измените во прописите во Службен весник.

„Со воведувањето на овој е-модул за прв пат овозможуваме целосно електронско поднесување на барањата и потребната документација. Досега сè се доставуваше во хартиена форма, што ја отежнуваше и забавуваше постапката,“ истакна Алиу.

Министерството најавува дека со новиот систем се постигнува значителен напредок во дигитализацијата, но и транспарентност, бидејќи процесот ќе биде видлив преку јавен портал, со можност граѓаните и институциите да го следат напредокот во реално време.

Придобивките од модулот се повеќекратни:

  • подобрено управување со барањата и зголемена ефикасност на постапката,
  • намалување на административниот товар за фармацевтските компании,
  • прецизна евиденција и полесен пристап до податоци,
  • унапредување на пристапот на граѓаните до лекови од позитивната листа.

„Со овој чекор покажуваме дека дигитализацијата не е само техничка алатка, туку политичка определба за транспарентност, ефикасност и фер пристап. Ова е доказ дека здравството може да се движи напред со европски стандарди, без селективност и без привилегии,“ порача министерот Алиу.