На 12 мај се отвораат џамиите за верниците – Сулејман Реџепи не кажува како мисли да се одвива тоа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Случајот со литијата во Струга каде се собраа стотици православни верници, ги поттикна муслиманските верници да бараат враќање на молитвата во џамија. Ова го побараа и политичарите. На ваквите повици одговори поглаварот на ИВЗ, реисот Сулејман Реџепи. Тој рече дека од 12 мај молитвата се враќа во џамиите. Не објасни како ќе се реализира тоа.

„ИВЗ со големо внимание го следи подобрувањето на здравствената состојба во земјава, намалувањето на бројот на заразени од вирусот Ковид-19, оценувајќи ги барањата на 13 муфтијства, кои се базираат на барањата на верниците и поттикнати од невниманието на МПЦ што ги поттикна муслиманските верници, ИВЗ, на вонредната седница одржана на 7 мај 2020, вторник, донесе одлука џамиите да бидат во служба на верниците за извршување на колективните верски обврски. Одлуката стапува на сила од датумот на нејзиното носење“, велат од Исламската верска заедница.

Дали ќе важат заштитните мерки за време на молитвите, за тоа со ИВЗ и Комисијата за заразни болести ќе се одржат дополнителни координации со вицепремиерот Бујар Османи, изјави самиот Османи за ТВ21.

„Вчера бев во комуникација со ИВЗ пред и по одлуката. Ова денеска утрово го дискутирав во Комисијата за заразни билести кои ќе ја разгледаат одлуката. Ќе продолжиме со координацијата со ИВЗ и во текот на денот во врска со заштитните мерки што треба да се преземат“, истакна Бујар Османи.

Министерот за здравство, Венко Филипче повтори дека мерките за групирање на повеќе од две лица на едно место, се се уште на сила.

Од друга страна, граѓаните сметаат дека е во ред враќањето на молитвата во џамиите. Според тие кои ги анкетираше ТВ21, нема потреба за одложување на молитвите.

„Добро е. Не на 12 мај, туку и порано требаше. Така предвиде законот, како за другите така и за нас“, вели верник.

ТВ21: Вие дали ќе одите на молитва?

„Како не, како да не одиме. Ние тоа го чекаме, да се отворат џамиите. Денеска е џума, како да не се молиме. Сите молитви ги правам во џамија. Џамиите не и пречат на државата, тоа е политика, бизнис, да не зборувам повеќе за тоа…тоа е политика. Ќе гледаат да ја постигнат нормата…Само го уништија народот“, вели верник.

„Не, воопшто. Ни помина Рамазан така. Имама 62 години никогаш не сум имал ваков Рамазан. Се радуваме што ќе отворат, Бајрам да го прославиме исто, има ли поголема радост“, додава друг верник.

„Многу добро. На 12 сега овој месец? Одлично….“, праша верник.

ТВ21: Добро е што се отвораат?

„Да, нека се отворат зошто да не….Ние не сме болни, муслиманите не умираат од корона, Алах кога ќе рече, тогаш ќе умреме“, рече верник.

Муслиманските верници велат ако е потребно ќе се молат и со маски и на растојание.

„Одложувањето на молитвите во џамија беше одлука донесена од ИВЗ на 17 март. Освен дневните молитви, со оваа одлука беше опфатена и пладневната молитва- џума“, посочи репортерката на ТВ21.

Реагираа речиси сите политичари.

Зеќирија Ибрахими од Алтернатива рече дека нема веќе причина да не се одржува молитвата во џамија.

Враќањето на молитвата во џамија побара и Арбен Таравари од АА. Меѓутоа тој беше малку контрадикторен,  бидејќи во еден претходен статус го осуди собирот во Струга и го оцени како скандалозен.

Кастриот Реџепи од Движење Беса рече дека отворањето на џамиите не треба да се прав како против одговор на некој неодговорен собир.

Мухамед Зекири од СДСМ ги повика муслиманите да не паѓаат на провокации.

Македонија не е единствената држава која ќе ја врати молитвата во џамиите. Пладневната молитва – џума од денеска започна да се извршува во џамија во Сараево,  а во Германија освен џума, ќе се држат уште три други молитви, со почитување на физичка дистанца.