Премиерот Заев потврди рече дека не очекува да се деблокира процесот од Бугарија за да ги почнеме преговорите со Европската унија. Тој ова го изјави откако вчера имаше средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Самитот на НАТО во Брисел, но веќе извесен период укажува дека не треба многу да се подгреваат надежите кај граѓаните за старт на преговорите.
„Имам чувство дека на 22 јуни нема да се реши проблемот, затоа што Бугарија има техничка влада и нема парламент. Но, не е невозможно да се реши проблемот. Зошто го кажувам ова? За да не ги дигнам очекувањата на сите, заради тоа што реалност е во Бугарија дека на 11 јули ќе имаат избори“, рече Заев.
Заев сепак вели дека преговорите ќе продолжат во изнаоѓање решение со Бугарија, но дека за македонскиот идентитет не се разговара. Зборуваме за деталите на Патоказот кој се однесува на секторската соработка, португалскиот предлог, како и за интензитетот на разговорите на Историската комисија, вели тој. Заев се очекува во четврток да оди во Софија на средба со бугарскиот претседател Радев.
„Имам чувство на одговорност пред нашиот народ да кажам дека наша должност е да направиме се. И нема зијан ако направиме дури успех и заклучиме отприлика договор кој што би бил верификуван од следна политичка влада и од парламентот. Значајно е што и бугарската страна и нашата страна немаат дилеми за постоењето, автентичноста и потврдата на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. И тоа прашање не е на разговорите“, додаде Заев.
Но претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев на денешниот собир посветен на животот и делото на Крсте Петков Мисирков рече дека Македонија се соочува со непринципиелни уцени и закани од Бугарија, но се надева оти нема да дојде до отстапки од македонска страна кои ќе се однесуваат на македонскиот идентитет.
„За жал денес сме соочени со непринципиелни уцени и закани и ненаучни аргументи, бесмислено барање дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени. Апсурдно барање својата национална генеза Македонија да ја дефинира онака како што тоа го бара една соседна земја“, истакна Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ.
На последната средба на Мешовитата историско образовна комисија не е постигнат напредок, бидејќи неофицијално, од бугарската страна имало обид да се наметне тенденција на бугарска припадност на револуционерот Гоце Делчев.
