На бизнисот му недостасуваат 40.000 работници – Велков: За ниската продуктивност виновни се менаџерите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 40.000 работници во моментов недостигаат на бизнисот кој е во криза поради зависноста од германската економија, но и поради кризата во Европа. Ова во емисијата Бизнис 21 го истакнаа Дарко Велков од Вработување.ком и Дарко Петровски, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси коментирајќи ја состојбата на пазарот на трудот во земјава.

„Јас мислам дека фалат 40.000 луѓе во моментов. 40.000 луѓе со конкретни компетенции за процесите кои што ги прават фирмите и фабриките“, рече Велков.

„Работодавачите беа во многу поволна состојба и многу комфорна состојба. Значи кога и да имаа потреба од работник доволно беше јас ќе кажам да намигнат со едното око и веднаш 50 или 100 луѓе за една позиција да се нацртаат пред нив.“, изјави Петровски.

И двајцата со став дека има смена на генерациите. Младите не се лојални како повозрасните генерации, тие не чекаат 5 години за повисока плата и напредување во кариера. Велат мора да се смени менталитетот кај сите. А одговорноста што сме претпоследни во регионот по продуктивноста велат е кај менаџерите.

„Луѓето треба да бидат спремни да се прилагодуваат. И кога работат 8 часа да работат 8 часа. А, не во 9 доаѓа, во 8 почнува, во 9 доаѓаат, саат и пол имаат пауза и помеѓу не знам што. 15 пати излегуваат на цигара“.

„Ние сме можеби единствената нација, која се уште пие кафе од 1,5 саат. Како тоа, и тоа во работно време“.

„Менаџерите се одговорни за продуктивноста и менаџерите се одговорни за тоа што работат во текот на денот. Никој друг“.

Велат нема работодавец кој не сака да ги задржи квалитетните кадри.
Но, состојбата во стопанството е тешка.

„Ние имаме 28 неработни дена чинам, не знам. Тоа е катастрофа за нашата економија. Имаме 20 дена одмор и веројатно уште некое боледување. Значи тоа се скоро 2,5 месеци. Што значи стопанствениците треба за 10 месеци, односно 9,5 месеци да направат 13 плати. Во мала економија. Тоа е невозможно“, изјави Велков.

И двајцата потенцираа дека треба да се спроведе најавената реформа во администрацијата. Ако владата понуди субвенции и обуки велат 40.000 работници стопанството веднаш многу лесно ќе ги преземе.