На Додик му е одземен мандатот како претседател на Република Српска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Централната изборна комисија на БиХ (СИП) во среда му го одзеде мандатот на Милорад Додик како претседател на Република Српска, врз основа на конечната пресуда на Судот на БиХ, со која тој беше осуден на една година затвор за неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница.

СИП едногласно го одзеде мандатот на претседателот на ентитетот Додик (66), на седница одржана во Сараево, со заклучок дека ова е во согласност со одредбите од Изборниот закон на БиХ, кој предвидува таква мерка за секој избран функционер осуден на затворска казна од повеќе од шест месеци.

Додик сè уште има можност да поднесе жалба на оваа одлука, која може да ја поднесе до Апелациониот оддел на Судот на БиХ, што е механизам што се применува во случаите на сите одлуки на СИП на БиХ.

Конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, објавена на 1 август, исто така му забрани на Додик политичка активност во период од шест години. Во пракса, ова значи дека тој не може да биде кандидат на избори за која било функција или да биде назначен на која било позиција во извршната, законодавната или судската власт, или во која било институција чија работа е целосно или делумно финансирана од јавни средства.

Веднаш по изрекувањето на пресудата, Додик, во својата прва лута реакција, го нарече тоа политички прогон и објави дека нема да се повлече од функцијата претседател на Република Српска, ниту ќе дозволи организирање вонредни избори или отворање избирачки места на територијата на тој ентитет. Тој на социјалната мрежа „Икс“ напиша:

„Уште едно ср*ње од Сараево.“.