Семејствата на затворениците од „Кумановската група“ пред 12 дена пред затворот во „Шутка“ се пожалија дека на нивните роднини кои служат казна неправедно им се негира правото на слободен викенд. Народниот правобранител откако го анализираше случајот, констатираше дека Арсим Бајрами и Мусадик Пајазити ги исполнуваат законските услови за користење слободен викенд, но не и Елхам Арифи.
-Лицата кои се грижат за реализација на индивидуалната програма за ресоцијализација и подобрување на однесувањето на осудените, веднаш доставија предлог до Комисијата при Казнениот дом – овие лица да добијат право за користење на викенд.“, вели Зибери.
Но, проблемот за користење на ова право е Комисијата која сѐ уште не излезе со мислење во однос на ова барање.
-Ние побаравме дополнително објаснување за ова и ни беше кажано дека Комисијата нема предвиден рок со закон и Правилник согласно кој треба да достави мислење до директорот. Имајќи го предвид ова, ние побаравме од директорот писмено да се изјасни – зошто во овој случај има избегнување на досегашната пракса за одлучување во рок од 1 или 2 недели во однос на барањата за користење викенд?“, вели Зибери.
Зибери рече дека Комисијата кога дава мислење се базира на околностите предвидени со закон и другите услови поврзани со програмата за индивидуална ресоцијализација на секој затвореник и потенцијалниот ризик за бегство.
-Моето мислење е дека ова избегнување на праксата секако дека е мотивирано со аргументи, но тоа остава простор за злоупотреба на Комисијата, но и на директорот на затворот – до недоглед да се одолговлекува барањето и затворениците да не го искористат правото кое го имаат согласно законот-рече Зибери.
Директорот на затворот во наредните денови ќе треба да даде одговор – зошто доцни мислењето од Комисијата? Доколку нема основа за неисполнување на барањето, Зибери согласно своите надлежности ќе се обрати до Министерството за правда и Управата за извршување санкции за да ги информира за злоупотребата од страна на затворот.
