Паника поради недостигот од нафта и нафтени деривати кај дел од граѓаните денеска. До ТВ21 граѓани се пожалија дека на некои бензински пумпи немало нафта и нафтени деривати.
Според информациите на ТВ21 во некои бензински пумпи во текот на денот имало недостиг само на дизел, а не и на бензин, поради енормното зголемување на побарувачката на гориво изминативе денови.
Но, премиерот Димитар Ковачевски увери дека нема недостиг од нафтени деривати. Тој објасни дека тоа што се случува на бензинските пумпи се случува поради шпекулации и дека некој сака да ја искористи војната.
Од „Макпетрол“ велат дека снабдувањето со сите видови горива во нивните пумпи ќе се нормализира во наредните денови. Посочуваат дека состојбата на глобалните пазари на нафта секојдневно се менува, цените постојано растат, а како резултат на тоа, добавувачите се соочуваат со проблеми со навремена испорака на гориво до нивните партнери.
Побарувачката на горива во земјава изминативе денови е енормно зголемена, а меѓу главните причини за тоа се шпекулациите и гласините во јавноста дека ќе има недостаток, како и цените на светските берзи. Дополнително, снабдувањето беше отежнато затоа што нашиот дистрибутер „Окта“ во недела не работи. Исто така, и во Грција, од каде што се набавува горивото, недела е неработен ден, а и овој понеделник е државен празник. Сето ова придонесе да се појави привремен недостаток на дизел-гориво на некои наши бензински станици
Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика и покрај денешната најава, се уште нема донесено одлука за новата цена на нафтата и нафтените деривати.
