Продолжуваат разговорите за предизборна коалиција меѓу Демократската унија за интеграција и другите партии од албанскиот политички блок. Крешник Бектеши од ДУИ вели дека го овластиле партискиот лидер Али Ахмети да разговара со сите партии кои се заинтересирани за влез во Европскиот фронт. Тука не ја исклучи Алијанса за Албанците, крилото на Зијадин Села.
„ДУИ го овласти лидерот Ахмети да преговара со сите политички партии. Исто така и со невладини организации, академици, разни интелектуалци за да имаме сеопфатен список. Господинот Ахмети води преговори со сите заинтересирани да се приклучат на европскиот фронт и тимот на последователни победи во изминатите 20 години“, вели Крешник Бектеши.
Што се однесува до Алијансата за Албанците, крилото на Села, тие се уште остануваат на ставот дека сами ќе одат на избори и не размислувале за друга опција.
„Во однос на Алијансата за Албанците, иако сте слушнале различни работи, а јавноста има слушнато други работи, ние до овој момент кога зборуваме, не е дека сме донеле друга одлука освен последната одлука што ја имавме во партијата од раководството на партијата дека Алијанса сама ќе се натпреварува на овие избори. Се разбира, ова е периодот, време е за групирања, време е да се зајакнат различните политички блокови што е можно повеќе, но искрено не можам да кажам ништо дополнително од она што досега го слушнавте од политичките експоненти дека немаат друга одлука освен одлуката што ја донесовме во раководството“, вели Вјолца Бериша.
За европскиот фронт кој првично беше најавуван меѓу СДСМ и ДУИ, Бектеши најави дека најверојатно оваа коалиција нема да се случи.
„Што се однесува до коалицијата со СДСМ, во овој момент кога зборуваме, не сме доволно блиску за да имаме таква коалиција, но најважно е кога ќе победи ДУИ, да победат граѓаните“, порача Крешник Бектеши.
Инаку, што се однесува до предизборните коалиции, неофицијално се разговара за заедничка коалиција меѓу ДУИ, ДПА, ЕДП, АА на Села и Народното Движење.
