На протестите во Судан убиени две лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку двајца мажи беа убиени откако суданските безбедносни сили испукаа боева муниција и солзавец кон демонстрантите кои одбележуваа годишнина од протестот за време на бунтот во земјата во 2019 година.

Двајца мажи починале од огнено оружје, а повеќе од 20 лица биле повредени, потврдија извори од медицинската служба и Здружението на судански професионалци, кое го организираше собирот.

Како одговор на тоа, во текот на ноќта избувнаа нови протести низ главниот град Картум, а на социјалните мрежи се појавија фотографии од демонстранти кои блокираат улици со барикади и палат гуми.

Суданскиот премиер Абдалах Хамдок денеска ја опиша употребата на огнено оружје против мирните демонстранти како злосторство што бара итна казна.

Многу луѓе се собраа во главниот град Картум, за да ја одбележат втората годишнина од нападот врз демонстрантите во 2019 година, и покрај блокадите на патиштата што водеа до местото пред воениот штаб, каде што насобраните бараа правда за насилството извршено во 2019 година.

За време на насилната интервенција во 2019 година, суданската опозиција соопшти дека биле убиени 127 лица, додека властите потврдија дека бројот на загинати е 87, а никој не одговараше, и покрај долгата истрага.

Со масовните протести пред две години во Судан беше сменет Ел Башир, чиј режим три децении владееше со таа африканска земја, а сега во земјата има преодна влада, составена од армиски и цивилни претставници.