„На штрајк без настава не треба да се помисли“ – Шаќири: Платите се покачени, разговараме со синдикатите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

-Да најдеме секаков друг начин на притисок, но штрајк без настава за децата, не треба никогаш да се помисли“.

Оваа порака ја испрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири од студиото на ТВ21, односно летното издание на Клик Плус до синдикатите, а по повод најавата за штрајк. Како што е познато, Независниот синдикат за образование и наука најавува штрајк, поради како што велат, непочитувањето на одредбите од Колективниот договор и ниските плати.

Министерот вели дека се сретнал со СОНК, а дека ќе има и средба со Независниот синдикат, на коа ќе се бараат решенија. Како што додава, ги поддржува наставниците во нивните барања за повисоки плати.

-Со новите проценти ќе стигнуваат повеќе од таа вредност, ќе стигнуваат повеќе од 35.000, 36.000, но секогаш ќе ги поддржуивам наставниците, никогаш не е доволно и треба да имаат повисоки плати. Но, се не може да се постигне во една календарска година-вели Шаќири.

Министерот додава дека веќе се покачени платие на вработените во образованието и дека уште ќе се покачуваат.

„Во период од една година, 18,4 проценти се постигнаа, ние продолжуваме и овој септември, со општиот колективен договор да добијат 10 проценти.“, вели Шаќири.

Од Независниот синдикат за образование и наука велат дека вработените во основното образование добиваат потпросечни плати, како причина од непочитувањето и неспроведувањето на одредбите од колективниот договор.

„За да биде запознаена јавноста поубаво, методологијата за пресметка на плата за вработените во секторот образование се состои од коефициент помножено со најниската плата за најнизок степен на сложеност во државата. Кај нас во секторот образование се користи најниска плата којашто е за висок процент пониска од минималната плата на државно ниво. На тој начин грубо се крши законот, незаконски се намалува платата на просветните работници и се создава ситуација просветните работници да бидат потпросечно платени.“, рече Томислав Гиевски од независниот синдикат за образование и наука.

Од СОНК нема поддршка за штрајк. Ставот на синдикатот е дека нема услови за штрајк бидејќи во моментов течат преговори за зголемување на платите во образованието и се финализира потпишување на нов Колективен договор. Од СОНК велат дека Колективниот договор се почитува.