На „Табановце“ запленета марихуана – 130 килограми во вредност од 700.000 евра наместо во Европа, завршија во Царина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во рутинска контрола, без дојава, македонските цариници „уловија“ на граничниот премин „Табановце“ поголема количина марихуана. Според анализите, дрогата е висококвалитетна, во што можеше да се увери и екипата на ТВ21. Секако, не искуствено, туку миризбата беше исклучително силна и удираше во глава. Поради силната миризба, првиот човек на Царина, Бобан Николовски експресно сака да се ослободи од дрогата, бидејќи иако била сместена во подрумот на управната зграда, миризбата се чувствувала низ целиот објект.

„Овие 130 килограми марихуана, наместо да бидат „испавкани“ во Европската унија или во регионот, ќе завршат во Агенцијата за одземен имот. Потоа, по завршување на судското рочиште, ќе бидат уништени овие килограми, кои што вредат околу 700.000 евра.“, рече репортерот на ТВ21, Горан Теменугов.

Шверцерот кој бил фатен е српски државјанин. Прво им кажал на цариниците дека во комбето нема роба за царинење, по што откако се откриле торбите, рекол дека во нив има цигари и понудил мито. Цариниците ги одбиле парите, ја откриле дрогата и полицијата го уапсила возачот. Против возачот Јавното обвинителство почна постапка и заедно со Царината го комплетираат случајот. Инаку, раководството на Царина вели дека пред неколку недели се дадени инструкции за поголема будност на граничните премини.

„Разговаравме едно две – три недели пред ова и еве ги првите резултати. Направивме селективност, каква што мислевме дека во овој период треба да се направи и еве ги првите резултати. Се надеваме дека ќе продолжиме со ваква ефикасност и благодарност до колегите што постапиле по насоките од нивните претпоставени.“, вели Бобан Николовски, директор на Царина.

Николовски вели дека е водено сметка дека овие 130 килограми не се мамка, односно да бидат пуштени за да бидат уловени, а веднаш после тоа да бидат прошверцувани поголеми количини дрога. Вели дека оваа количина е големо количество кое не се жртвува така лесно за да биде фатено.

„А, по однос на ова, верувајте дека знаеме што работиме, колегите царски службеници знаат што работат, го обезбедуваме ние граничниот премин во секој, кога имаме вакви фатки, знаеме што правиме и на другите ленти. Се работи, се работи квалитетно.“, изјави Николовски.

Откако ќе заврши судскиот случај, дрогата ќе се изгори во некои од електропечките во државава.