Над 1.5 милиони аџии пристигнаа во Мека за Хаџ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Годишниот Хаџ – еден од петте столбови на исламот, официјално започна денес во услови на нестабилно примирје во војната со Иран и зголемени регионални тензии и несигурност.

Повеќе од 1.5 милиони аџии пристигнаа во Саудиска Арабија, соопшти одговорниот за Хаџот, Салех бин Саад ал Мураба.

Хаџот е еден од петте столбови на исламот и секој муслиман кој има можност, треба да го изврши барем еднаш во животот. Тој вклучува серија ритуали кои се одвиваат во текот на најмалку четири дена во Мека и нејзината околина, во западниот дел на Саудиска Арабија.

Вообичаено, на првиот ден многу аџии во Мека се собираат во голем камп со шатори во пустината во близина на градот. Претходно, аџиите на високи температури кружеа околу Каба, градбата во форма на коцка сместена во Големата џамија.

Некои верници со години се надеваат и се молат дека еден ден ќе можат да го извршат Хаџот, штедат пари и чекаат дозвола за патување.

Изложени на голема горештина за време на извршувањето на верските ритуали, многу аџии користеа чадори за да се заштитат од сонцето и носеа рачни вентилатори. Волонтерите делеа шишиња со вода, додека големи вентилатори прскаа капки вода за освежување.

Пред почетокот на патувањето, дел од аџиите изјавија дека се потпираат на својата вера и покрај тензиите во регионот и дека чувствуваат голема благодарност што имаат можност да го реализираат ова патување.

Утре, ден кој се смета за кулминација на Хаџот, верниците ќе се соберат за молитва на планината Арафат, каде што пророкот Мухамед ја одржа својата последна проповед.

Хаџот собира огромен број муслимани од различни раси, етничко потекло, јазици и економски слоеви, создавајќи чувство на единство кај многумина од нив.

Поради глобалната несигурност и безбедносните ризици, властите во Индонезија – земјата со најголема муслиманска популација во светот – пред почетокот на сезоната на Хаџ ставија акцент на безбедносните планови и објавија упатства со цел дополнителните трошоци за патувањето да не паднат на товар на самите индонезиски аџии.

Во Индија, каде што живее големо муслиманско малцинство, подготовките за Хаџот се одвиваа главно нормално, но високите цени на горивата предизвикани од војната со Иран ги зголемија патните трошоци за аџиите.