Над 2000 лица досега се вратиле во Македонија од странство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

2020 е вкупната бројка на лица кои се вратија во Македонија, од разни земји низ светот. 1275 се вратиле преку оргаизираните хуманитарни летови на Владата, а останатите преку конвои кои ги организираше исто така Министерството за надворешни работи.

За денеска во вечерните часови е планиран лет за враќање на околу 160 наши граѓани од Базел според најавите, а согласно заклучоците на Кризниот штаб и Владата, МНР ќе излезе со дополнителни навремени информации за следните планирани активности.

Министерството за надворешни работи, заедно со Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, како и другите надлежни органи кои се дел од овој исклучително сложен и деликатен процес, ќе продолжат со вложување на максимални напори при остварувањето на двата државни интереси – помош на граѓаните затекнати во странство и заштита на здравјето на граѓаните дома.

Во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот, така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, но и пошироко, овозможвиме репатријација и на повеќе од 400 странски државјани кои од Скопје се враќаат во своите земји, меѓу кои: Австрија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др.

На тој принцип им беше помогнато и на четири наши државјани кои со чартер лет од Австрија беа пренесени од Перу до Виена, а Министерството и покрај првичниот фокус за репатријација на нашите граѓани затекнати во Европа, ќе продолжи со напорите за пронаоѓање начини за враќање и на оние кои се затекнати на другите континенти, во соработка со други земји и партнери од регионот и пошироко.