Над 27.000 наставници чекаат покачување – 15 години не им го решаваат статусот за да ги користат за избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И додека над 27 000 наставници чекаат покачување, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денеска продолжија взаемно да се обвинуваат. И од двете партии велат дека „другата страна“ не сака да разговара. Очигледно не е проблемот во покачувањето на платата, туку вработувањата, односно решавањето на статусот на вработените. Па, така од опозицијата сметаат дека СДСМ ќе го искористи законот за вработување на свои партиски кадри. Ако СДСМ навистина имаат намера да ги зголемат платите на просветните работници ќе го поддржеа нашиот амандман- велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Кристално јасно е дека со овој закон платите на работниците нема да се зголемат. За заштита на правата на сите вработени и просветните работници ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесовме амандман со што се предвидуваше износот на коефициентот и вредноста на колективниот договори на сите нивоа и но сите области да се усогласи со порастот на минималната плата“, вели Бети Стаменкоска.

Со усвојување на Законот за минимална плата и Законот за наставници и стручни соработници ќе има дополнително зголемување на платите на над 27 000 наставници во основното и средното образование паралелно со зголемувањето на минималната плата, велат од СДСМ,

„Важни се измените на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта кои ВМРО-ДПМНЕ веќе цела година ги блокира  во собраниска постапка“, посочи Санела Шкријељ .

Доколку не дојде до скалесто покачување на платите на просветните работници од СОНК најавуваат протести.

„До сега ако се трансформирале работните места на две години, со предлог законот се предвидува веднаш да се примат на неопределено работно време. Овде станува збор не знам можеби за страв од партиски вработувања, што не е ништо страшно и до сега партиите имале влијание за вработувањата“, вели Јаким Неделков.

Законот е на трето читање, ако не се усогласат и од Синдикатот на образование при ССМ најавуваат блокада на Собранието и ќе ги објават имињата на пратениците кои не се согласуваат да се донесе законот.

„Има наставници кои 15 години работат на определено работно време и се инструмент на политиките партии. Без разлика на која партија.  Не им го решаваат статусот за да ги користат за наредни избори“, додаде Владо Димовски.

Заложбите на Синдикатот да се трансформираат работните места на 4 700 вработени се одамна -вели Димовски. Па, прашува ако ВМРО-ДПМНЕ се плаши од партиски вработувања на СДСМ, зошто не презеле ништо да им се реши статусот на овие наставници во годините кога тие беа на власт.