Околу 500 пријави пристигнале до Државниот инспекторат за труд, од граѓани кои добиле закани од работодавачите дека ќе бидат отпуштени или дека ќе добијат половина плата. Директорот на Инспекторатот, Алајдин Хавзиу ги повика граѓаните да не стравуваат и веднаш да ги пријават ваквите случаи, уверувајќи дека тие веднаш ќе постапат.
-Доколку работникот ја има соодветната документација, само треба да го извести работодавачот дека ги има потребните документи и тука завршува неговата работа. Ако потоа има поплаки и забелешки, ние сме тука секој ден, дури и за викенд за да постапиме. Сакам да им кажам на сите граѓани и вработени дека сите пријави ќе останат анонимни и да не стравуваат да пријават. Тоа ќе остане кај нас, да не се плашат. Пораката е да го пријават случајот и да не стравуваат-вели Алајдин Хавзиу, директор на државен инспекторат за труд.
Државниот пазарен инспекторат затвори 21 угостителски објект за непочитување на владините мерки. За време на инспекциските надзори е констатирано дека неколку трговци на мало ги покачиле цените на одредни производи.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се направени 189 надзори, каде се забележани неправилности во неколку објекти во однос на хигиената, како и во 9 месарници, каде е констатирано дека месото не се чува согласно правилата. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, рече дека во главно се почитуваат владините мерки за замрзнување на цените, но дека проблем има во руралните места, каде, како што уверува, инспекторите се веќе на терен. Тој повика да се вратат претходните цени, бидејќи во спротивно ќе се изрекуваат високи глоби согласно Законот за трговија, а не според мерките на Владата. Глобите достигнуваат до 8.000 евра за правно и 2.400 евра за физично лице.
Шест инспекторати извршиле вкупно 11.358 надзори, со цел да утврдат дали се спроведуваат владините мерки за справување со Ковид-19, бараат безусловно почитување на мерките, со цел заштита на здравјето на граѓаните од коронавирусот.
