Глутница кучиња секој ден талкаат низ улиците на Кичево. Граѓаните велат дека се чувствуваат загрозено. Кучињата се насекаде по улиците и во парковите. Кичево со овој проблем се соочува со години. Граѓаните се најзагрозени од напад на кучиња во раните утрински часови кога одат на работа. Податоците на СВР со бројки за напад на кучиња скитници врз луѓето.
„Во полициската станица во Кичево оваа година се регистрирани 129 напади од кучиња скитници врз луѓето. Во 2019 имало 159 напади“, велат од СВР Охрид.
Општина Кичево добила грант од 300 илјади евра за изградба на стационар за кучињата скитници. Градоначалникот на кИчево Фатмир Дехари вели дека додека продолжува трендот на носење кучиња од една во друга општина, не врши работа ниту стационар. Тој вели дека има информации дека во Кичево се носат кучиња скитници по три пати месечно со камион од другите градови.
„Добивме грант од 300 илјади евра и изработивме проект за засолнување на кучињата скитници, стационар за третирање на кучињата скитници и се надевам дека следната година или почетокот на следната година, дури март или април, не сакам да помине месец мај, да започнеме со реализација на овој проект“, изјави Фатмир Дехари – градоначалник на Кичево.
Со кучињата скитници во Кичево и околината најмногу се занимава организацијата Грифон која обезбедува храна од компаниите и нахранува околу 150 кучиња скитници.
Според Грифон, 400 кучиња скитници има во градот, а заедно со селата, околу 700 кучиња на територија на цело Кичево. Според податоците, со ваков проблем се соочуваат сите општини во земјава.