Седумдесет и пет проценти од градежните работи на надвозникот кај „Момин Поток“ се завршени. Овој сообраќаен сегмент се очекува да биде пуштен во употреба до Нова година, а по неговото завршување значително ќе се намали сообраќајниот хаос и ќе се овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот, информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при увидот на градежните активности.
„Експропријацијата сега е 100 отсто завршена, а она што е важно е дека сите граѓани се целосно обесштетени од страна на Град Скопје. Вториот проблем со кој се соочивме беше недостатокот на напредок. Денес сме во фаза кога 75 отсто од работите се реализирани и, како што ветив, до Нова година овој сегмент целосно ќе биде завршен“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во вторник ќе се бетонира мостот, по што се очекува негово поврзување со другиот мост кој се гради во делот кај Серава.
Ѓорѓиевски информираше и дека интензивно се работи на булеварот „Борис Трајковски“, а во август се очекува да започнат градежните работи за мостот кој ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром.
„Кажав дека тие се силна поддршка за нас, не само за Скопје и за мене, туку за сите скопјани. Владата обезбеди 60 милиони денари за надвозникот кај Момин Поток и верувам дека оваа поддршка ќе се зголемува и во наредните години. Ова е еден од капиталните проекти кои ќе ги завршиме“, посочи градоначалникот на Скопје.
Инаку, проектот за сообраќајната клучка кај „Момин Поток“, започнат во јули 2021 година како една од најголемите инфраструктурни инвестиции во Скопје, беше проследен со доцнења во реализацијата.
