Денеска претпладне времето во земјава беше променливо облачно, додека попладне облачноста се намали и преовладуваше сончево со мала до умерена облачност. Дуваше слаб ветер од променлив правец.
Максималните температури се движат од 9 степени во Попова Шапка, 13 во Крушево, 15 во Лазарополе и Маврови Анови, 18 во Берово, 19 во Крива Паланка, Прилеп, Охрид и Претор, 20 во Тетово и Битола, 21 во Штип и Виница, 22 во Скопје-Зајчев Рид, Скопје-Петровец и Струмица, 23 во Велес и Кавадарци, додека највисока температура од 25 степени се очекува во Гевгелија.
Во текот на ноќта времето ќе биде малку до умерено облачно, а вдолж Повардарието ќе дува слаб до умерен северозападен ветер.
Утре се очекува променливо облачно време со слаб до умерен северен ветер. Попладне ќе има локални врнежи од дожд кои, во текот на ноќта, ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат пообилни. Минималната температура ќе се движи од 4 до 14 степени, додека максималната ќе достигне од 15 до 20 степени. Во Скопје се очекува променливо облачно со слаб северен ветер, а врнежи од дожд се предвидуваат кон крајот на денот и особено во текот на ноќта. Температурата ќе се движи од 10 до 19 степени.
Во наредните денови, под влијание на влажен бран, ќе има врнежи од дожд кои на некои места ќе бидат обилни. Се очекува на повеќе места да наврнат над 30 l/m², а локално и над 50 l/m². Поради продор на постудена воздушна маса и засилен северен ветер, во четврток на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а во петок снегот ќе се појави и на некои од повисоките места, каде ќе се формира снежна покривка. Температурата на воздухот значително ќе опадне.
Во текот на викендот се очекува стабилизирање на времето со постепен пораст на дневните температури.