Најнов извештај на Стејт департментот: Корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во најновиот Извештај за инвестициската клима за 2021 година на американскиот Стејт департмент за Северна Македонија, се вели дека корупцијата е постојан проблем за водење бизнис иако законската рамка е во согласност со меѓународните стандарди.

Во извештајот за Македонија се забележува дека во целина, „земјата има комплексна регулаторна средина, со чести регулаторни и законски измени, кои заедно со неконзистентната интерпретација на правилата креираат непредвидлива средина за бизнис која води до корупција“.

„Владата генерално го спроведува законот, но има бројни извештаи дека некои функционери и натаму се вклучени во коруптивни активности“, се вели во Извештајот.

Во Извештајот се вели дека Антикорупциска има отворено повеќе истраги за корупција, меѓу кои и за високи функционери.

За извештајот реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Прес-конференција одржа Владо Мисајловски, потпретседателот на партијата.

„Зоран Заев ја има заробено државата, судскиот систем, институциите и целиот општествен апарат. Власта функционира мафијашки.

Извештајот на Стејт Департментот на САД потврдува дека Зоран Заев и неговата влада ја зацементирале Македонија на дното. Се нотира корупција, криминал, поткуп на државни службеници, селективност на правдата и злоупотреба на законските процедури.

Според извештајот на Стејт Департментот, иако Македонија има законска регулатива за спречување на злоупотреба на јавните функции и судирот на интереси, но спроведувањето на законите во тој дел е многу слабо и е насочено селективно кон критичарите на власта и ситни прекршители на законите, додека против високи претставници на власта нема ништо.

Дека власта изгубила допир со реалноста и не работи за народот и бизнисот го нотираат и големите компании присутни во Македонија. Во Извештајот се вели дека голем број на компании кои работат во Македонија, вклучувајќи и неколку американски компании ја идентификувале корупцијата при јавните набавки и во судството како главен проблем.

Ова е најнегативниот Извештај што Стејт Департментот го дал за Македонија, ова е сурова реалност која ја живееме со корупција, непотизам и конфликт на интереси при јавни набавки, а секако и огромна селективност во правосудството, се гонат ситни риби, а главните не одговараат.“, рече Мисјаловски.