Најсиромашната општина не добила ниту денар – Селими: Град Скопје за едни е мајка, за други маќеа?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неприфатливо е градската администрација за некои општини да биде мајка, а за други маќеа така што по основ на меѓуопштинска соработка, за најбогатата општина Центар да издвои 177 милиони денари, а за најсиромашната општина Шуто Оризари 0 денари.

Со ваква реакција по вчерашната 63-та седница на советот на градот Скопје се јави советникот Ерџан Селими кој поради неправедниот однос на градот Скопје истакна дека повеќе нема да учествува во работата и гласањето кои се однесуваат на меѓуопштинската соработка.

„Јас лично имам дадено иницијативи преку амандмани на самата седница и на советнички прашања да се реализираат меѓуопштински соработки со општината Шуто Оризари но верувајте дека ниту една иницијатива од моја страна не беше прифатена. Како одговор од Градот Скопје кој беше даден е дека Оштината Шуто Оризари не пријави интерес за меѓуопштинска соработка односно не даде никаква иницијатива“, истакна Ерџан Селими.

Тв21 стапи во контакт со Град Скопје од каде што целосно ги негира обвинувањата на членот на Советот потенцирајќи дека истите се невистинити, неосновани и даваат нереална слика за активностите и инвестициите на Град Скопје и јавните градски претпријатија.

„Град Скопје изминативе години, во две фази, целосно ја реконструираше централната улица во Општината Индира Ганди. Секоја година се реконструираат поголем број на улици кои се во надлежност на општината, а ги реализира ЈП „Улици и патишта“. Град Скопје работи на изградбата на новиот булевар Босна и Херцеговина. Продолжуваат активностите за подобрување на водоводната и канализационата мрежа во општината а се започнати и теренските активности за целосно расчистување на големата депонија лоцирана помеѓу Шуто Оризари и Визбегово. Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило во изминативе години спроведе поголем број акции за садење на висококлавитетни садници, дрвја, цвеќе и жардињери. Град Скопје инвестираше во повеќе реконструкции и работи во „Шаип Јусуф“, кое е единственото средно училиште на територијата на општина Шуто Оризари“, велат од Град Скопје.

Од Град Скопје додаваат дека во повеќе зафати за реконструкции, уредување на просторот и асфалтирање на спортското игралиште, изминативе години инвестирани се повеќе од 6,5 милиони денари.