Најстарoто возило има 98 години: Изложба на олд тајмери во Кавадарци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кавадарци денеска е во знакот на старите автомобили. Околу 70 олдтајмери се изложени на улицата „Илинденска“, како дел од традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“.

На изложбата може да се видат автомобили од различни делови на земјава, меѓу кои и исклучително ретки примероци. Најстарото возило има дури 98 години, а меѓу изложените има и автомобили стари 90 и 86 години.

„Имаме пријавено околу 70 возила, а очекуваме бројката да биде и поголема, бидејќи пристигнуваат и учесници кои не биле претходно пријавени. Особено интересни се возилата стари речиси еден век, кои досега не биле изложувани во Кавадарци и многу ретко можеле да се видат на други места во Македонија“, изјави Кирил Димитров Урошев, претставник на авто-мото клубот кој ја организира изложбата.

Според организаторите, олдтајмерите не се само автомобили, туку и дел од културното наследство, бидејќи сведочат за развојот на автомобилската индустрија, технологијата и културата низ различни периоди.

На изложбата присуствуваа и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и претседателот на Советот, д-р Стојанчо Рамов.

Јанчев ја искористи можноста да седне и зад воланот на еден од олдтајмерите, дополнувајќи ја празничната атмосфера и интересот на посетителите за автомобилите кои потсетуваат на едно поинакво време.

Изложбата е уште еден од настаните што ја збогатуваат програмата на „Тиквешки гроздобер“ и привлекуваат љубители на автомобилите и посетители од различни делови на земјава.