Најстудено утрово на Попова Шапка, измерени -9 степени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утрово во земјава беа измерени минусни температури, со најстудено на Попова Шапка каде термометарот се спушти до -9 степени Целзиусови. Во Крива Паланка се измерени -5 степени, а -3 во Берово и Маврови Анови. Во Виница и Крушево температурата падна до -2, а -1 степен е забележан во Струмица.

Температури околу нулата се регистрирани во Штип, Прилеп, Куманово и Претор, додека 1 степен се измерени во Скопје-Петровец, Охрид и Кавадарци. На Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Демир Капија, Битола и Велес утринските температури достигнаа 2 степени, а највисока утринска температура од 3 степени е измерена во Гевгелија.

Според податоците за снежната покривка до 7 часот, најмногу снег има на Попова Шапка – 25 сантиметри. Во Маврови Анови се измерени 7 сантиметри, а во Крушево 5 сантиметри.

Денеска времето ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец.

Дневните температури ќе се движат од 1 до 7 степени. Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб североисточен ветер и максимална температура до 6 степени.