Најтешко е кога децата треба да заминат – Анита од Кичево 10 години згрижува деца без родители

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Анита Нестороска е мајка на две деца, но со својот сопруг скоро 10 години работи и се грижи за деца кои се напуштени од нивните родители. За 10 години, Анита во својот дом згрижила над 10 деца за кои се грижела со години , се додека тие повторно не се вратиле во нивното семејство. Вели дека и понатаму ќе се грижи за деца кои се оставени во заборав бидејќи тоа духовно ја исполнува.

Во моментов Анита има згрижено 2 деца, а за едно од нив се грижи уште кога било бебе. Со нив е многу поврзана и не мисли да ги даде. Децата со многу љубов се обраќаат на Анита и нејзиниот сопруг. Ги викаат мама и тато.

За овие 10 години, Анита вели дека најтешко и било кога се грижела за девојче кое пораснало на улица.

Од Центарот за социјални работи велат дека во општина Кичево има само 10 згрижувачки семејства. Велат дека граѓаните не се заинтересирани многу за згрижување на деца на подолг временски период.

„Згрижувањето во семејствата се прави во неколку форми, општо згрижување, специјализирано згрижување, интервентно згрижување, повремено згрижување и семејно згрижување. Во општина Кичево имаме 10 згрижувачки семејства од кои четири се стручни, 1 е специјализирано и 5 се за семејно згрижување“, истакна Лулјета Ајрулаи.

Згрижувачките семејства добиваат финансиски надоместок од државата кој се движи од 9 до 16 илјади денари месечно. Исто така семејствата кои повеќе од 15 години згрижуваат деца немаат други приходи, од државата добиваат пензија кога ќе достигнат возраст за пензионирање.