Сечата на дрвја во дождовните шуми на бразилскиот Амазон е намалена за 68 отсто во текот на април во однос на истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за вселенски истражувања „Инпе“.
Аналитичарите велат дека податоците се позитивен знак за бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, бидејќи тоа е прв значаен пад на уништувањето на шумите во Амазон откако тој дојде на власт.
За време на неговата изборна кампања минатата година, Силва вети дека ќе стави крај на сечата на дрвјата по долгогодишно уништување за време на мандатот на неговиот претходник на функцијата, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро.
Според податоците на агенцијата „Инпе“, во текот на изминатиот месец е исчистена површина од 328,71 квадратни километри од бразилската Амазонија, што е значително под месечниот просек од 455,75 квадратни километри.
Експертите посочуваат дека е рано да се потврди трајно намалување на сечата, бидејќи допрва претстои периодот во кој најмногу се сече шумата, од јули до септември, но дека се уште е позитивен сигнал по години на уништување во Амазон.
