Градот Тетово и годинава нема да се украси. Општинскиот совет одлучи средствата наменети за украсување за Нова Година да ги пренамени за соочување со кризата предизвикана од пандемијата Ковид-19. Средствата ќе одат кај семејствата кои имаат потреба и за семејствата кои доживеале разни трагедии.
Таков случај е и Арбен Рамадани, чија куќа изгоре во август 2019 година. По неколку месеци, општинскиот совет одвoи 250 илјади денари, но досега му се пуштени само 30 илјади денари и тоа откако сторијата беше објавена на ТВ21.
„Ми ги пуштија парите откако мојот случај беше објавен од ТВ21, виделе таму и одлучиле да ми пуштат 30 илјади денари и од тоа нема веќе ништо. Во општината велат дека поради пандемијата немаат фондови за да ги пуштат парите. Јас им велам дека веќе поминаа 1.5 години и не завршивме никаква работа. Велат дека ќе ми пуштат на рати за пет или шест месеци, но помина подолго време и од тие 30 илјади веќе нема ништо“, истакна Арбен Рамадани.
Од општина Тетово велат дека средствата одвоени за сиромашните семејства се одобруваат од општинскиот совет а нивното плаќање се реализира врз основа на реалните можности на општинскиот буџет.
„Во последниот ребаланс на буџетот на општина Тетово, средствата за украсување на градот за новогодишните празници и средствата за поддршка на проектите од областа на култура, беа пренаменети за инфраструктури проекти во програмата за општинска дејност. Што се однесува до помошна на социјалните случаи, тие се одобруваат од Општинскиот совет и во одредената комисија на општинскиот совет. Нивното плаќање се врши врз основа на реалните можности на општинскиот буџет, со оглед на фактот дека во овие 9 месеци од пандемијата имавме проблеми со генерирање на општинските приливи“, велат од Општина Тетово.
Доколку за средствата на 11 члено семејство кое е без покрив над глава треба да се чека 18 месеци за на крајот да земат само 30 илјади денари, тогаш останува нејасно како општина Тетово ќе ги израдува загрозените семејства за новогодишните празници. Ова е втора година по ред откако општина Тетово не се украсува за Нова година, бидејќи и во 2019 година средствата беа пренаменети за оштетените од земјотресот во Албанија.
