Напад на плажа во Могадишу: 32 загинати, 63 ранети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во напад на хотел во главниот град на Сомалија, Могадишу, загинаа 32 лица, а 63 се ранети, соопшти сомалиската полиција, а одговорноста ја презеде огранокот на Ал Каеда во Источна Африка, Ал Шабаб.

Портпаролот на полицијата, мајорот Абдифатах Адан Хасан, изјави за новинарите дека еден војник е убиен, а друг ранет, додека останатите се цивили, пренесува АП.

Нападот беше извршен во петокот вечерта на популарната плажа Лидо во Могадишу.

Сведокот Мохамуд Моалим изјави за Асошиетед прес дека го видел напаѓачот како носи елек со експлозив неколку моменти пред мажот „да се разнесе покрај хотелот со поглед на плажата“.

Моалим рече дека некои од неговите пријатели кои биле со него во хотелот биле убиени, а други биле ранети.

Друг сведок, Абдисалам Адам, изјави за агенцијата АП дека „видел многу луѓе како лежат на земја“ и дека помогнал да се пренесат некои од ранетите во болница.

Во минатото, областа на плажата Лидо беше цел на милитантите кои беа сојузници на Ал Шабаб. Во последниот напад минатата година, девет лица загинаа, потсетува АП.

Во одвоен напад во саботата, државните медиуми објавија дека седум лица загинале откако патничко возило удрило во бомба покрај пат на околу 40 километри од главниот град на Сомалија.

Сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд објави „тотална војна“ против милитантите минатата година, бидејќи земјата почна да презема одговорност за сопствената безбедност.

Ал Шабаб сè уште контролира делови од јужна и централна Сомалија и продолжува да извршува напади во Могадишу и други области, додека изнудува милиони долари годишно од жителите и бизнисите во обид да наметне исламска држава.

Нападот во петокот се случи еден месец откако Сомалија ја започна третата фаза на повлекување на мировните трупи во рамките на Преодната мисија на Африканската унија.

Вршителот на должноста специјален претставник на генералниот секретар на ОН за Сомалија, Џејмс Сван, во саботата ја изрази својата поддршка и солидарност со Сомалија „во нејзините напори да обезбеди мир, безбедност и стабилност“.