Во напад со нож во Лондон вчера загина 49-годишен маж, а повредени се уште двајца, вклучувајќи и 14-годишник. Трагедијата се случила околу 17 часот во Мидхерст Гарденс во областа Уксбриџ, западно од градот, објави Скај њуз.
Метрополитенската полиција соопшти дека 49-годишникот починал на местото на настанот од убодни рани и покрај интервенцијата на службите за итни случаи. Неговото семејство е информирано и е поддржано од специјално обучени полицајци.
Во нападот е повреден и 45-годишен маж, кој моментално е на лекување во болница со сериозни, животозагрозувачки повреди. Третата жртва е 14-годишно момче, чии повреди, според полицијата, не се животозагрозувачки.
22-годишен маж е уапсен на местото на настанот под сомнение за убиство и обид за убиство. За време на апсењето, полицајците користеле тазер, а осомничениот е однесен во болница како мерка на претпазливост. Набрзо беше потврдено дека не е повреден и дека е приведен во полиција.
Полицијата започна истрага, а на местото на злосторството е поставен шатор за вештачење. Истражителите продолжуваат да собираат докази, а деталите сè уште не се познати.
