Населението во Романија предупредено за можност од паѓање дронови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жителите на северните и источните делови на округот Тулча во Романија утрово добиле нова порака преку системот RO-ALERT со предупредување за можност од паѓање дронови или нивни фрагменти, во услови на војната во Украина.

Во пораката, надлежните ги повикуваат граѓаните да останат смирени и во следните 90 минути да се засолнат на безбедни места, пренесува „Аџерпрес“.

Во средата, на романската плажа Олимп, во населбата Вранчеј, во близина на градот Констанца, биле пронајдени остатоци од дрон. По пронаоѓањето, граѓаните биле веднаш евакуирани, а подрачјето било затворено за јавноста.

Романските власти во повеќе наврати издаваат предупредувања за можни падови на дронови или нивни делови во пограничните области, особено поради руските напади врз цели во Украина во близина на романската граница.