Насилството врз 22-годишната девојка – Судот донесе одлука, но обвинетиот веднаш ги прекрши мерките!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Судот во Кичево се одржа рочиште за случајот „семејно насилство“.
Станува збор за 22-годишна девојка во Кичево, омажена во Љуботен, Скопје. По две години брак, одлучила да замине од семејниот дом, бидејќи не можела да го истрпи насилството. И покрај тоа што се обидела да пронајде мир во куќата на нејзините родители, сепак насилството и заканите продолжиле. Судијата Исмаил Елези судењето за овој случај го одложуваше двапати, а денешното рочиште го водеше судијата Драган Миноски, поради отсуство на Елези од здравствени причини. Беше донесена одлука – на обвинетиот да му се издаде забрана за приближување на куќата на жртвата на 100 метри и забрана да комуницира преку телефон со жртвата и со нејзиното семејство. Мерките имаат важност 6 месеци.

-Денеска на 16.11.2020 во 10 часот во Судот во Кичево, на рочиштето за семејно насилство кое беше одложено на 02.11.2020, кое траеше околу два часа конечно е донесена мерка – сторителот во иднина да не може да ѝ се јавува на телефон ниту на жртвата, ниту на семејството на жртвата, да не може да ѝ се доближува на жртвата и на нејзиното семејство, како и други мерки кои на жртвата ѝ овозможуваат да живее слободно.“

Но, обвинетиот веднаш откако излезе од судот ги прекрши одредените мерки.

Тој се упати кон станот на жртвата и ѝ се закануваше. ТВ21 отиде до нејзиниот стан, но и покрај тоа што ние бевме таму, обвинетиот ѝ се доближи и неколкупати и телефонираше.

Жртвата се јави во кичевската полиција, но нивната интервенција уследи еден час по повикот, по што успеаја да го фатија во дворот на зградата. Поразговараа околу мерките што ги одреди судот и повторно го пуштија на слобода.

За иронијата да биде поголема, веднаш откако беше пуштен од полицијата, беше запрен од друга полициска патрола која евидентираше серија прекршоци како што се возење без дозвола и управување на нерегистрирано возило, но откако даде исказ, повторно беше ослободен.