На Форумот во Преспа присуствуваше и специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој во ексклузивно интервју за ТВ21 рече дека во Брисел се организира средба меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Според него, средбата се очекува да се одржи пред летните одмори.
Тој додаде дека она што сега се прави е имплементација на договорите што се потпишани во минатото, адресирање на сегашните проблеми и обликување на идните односи меѓу Косово и Србија.
„Втората работа што ја правиме е да ги решаваме актуелните прашања, создадените проблеми како што е проблемот со регистарските таблички што предизвика сериозната криза во септември. Се грижиме работите да не излезат од контрола и да нема тензии затоа што никому не му требаат. Третата и најважна работа е да се обликуваат идните односи меѓу Косово и Србија и ова го нарекуваме нормализација. Има многу работа, не толку очигледно, преговарачите се среќаваат секој месец и секогаш имаме 7, 8, 9 теми на дневен ред, имаме некои документи во напредната фаза на подготовка и планирам да ја подготвам следната средба меѓу претседателот Вучиќ и премиерот Курти наскоро во Брисел и работиме на тоа“, вели Лајчак.
