Наставник по ликовно образование од Битола цела учебна година одел на работа без да знае дека уште во јануари му бил прекинат работниот однос, објави „Независен“.
Станува збор за Стефан Поповски, кој бил ангажиран во три училишта за да оформи полн фонд часови. Тој тврди дека редовно држел настава во подрачното училиште при ООУ „Тодор Ангелевски“, имал пристап до е-дневникот, пишувал оценки, присуствувал на наставнички совети и учествувал во училишни активности, без никој да го извести дека повеќе не е на платен список.
„Јас не знаев дека сум добил отказ, напротив продолжував да држам часови како и сите други колеги“, изјавил Поповски за „Независен“.
Тој вели дека дури неодамна открил дека не му се исплаќа плата и стаж за четири наставни часа неделно, по што побарал објаснување од училиштето. Од таму му одговориле дека работниот однос му бил прекинат на 29 јануари 2025 година.
Поповски најавува тужба, а случајот е пријавен и во Обвинителството во Битола. Градоначалникот Тони Коњановски информира дека општински инспектор ќе ги провери наводите и доколку се утврдат неправилности, ќе биде поведена постапка против директорката на училиштето.
Целата вест на Независен
