НАТО донесе историска одлука – Мисајловски за ТВ21: 3,5% од БДП треба да се одвојат за одбрана

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одлуката е донесена, историјата напишана. Членките на Алијансата ќе треба да одвојат најмалку 5% од бруто домашниот производ за Армијата.

Тоа значи дека буџетот на нашето министерството за одбрана ќе треба да стигне до 3,5% во следните 10 години. Како ќе се постигне тоа, во интервју за ТВ21 одговара министерот за одбрана Владо Мисајловски.

-За нас како помала земја тоа е голем импулс за министерството за одбрана, но и самата економија да расти и повеќе средства да има во буџетот на министерството. Но најважно од се е за што ќе се користат тие средства. Модернизацијата е приоритет број еден. Преку 20% до 30% треба директно во модернизација, а тоа значи оние цели кои ни се дадени од НАТО да ги ревидираме нашите стратешки документи, да ги поставиме новите цели кои НАТО ни ги дава и да започнеме постапки за нова опрема, модернизација, бидејќи мора да следиме она што НАТО го бара од нас земја членка, изјави Владо Мисајловски, министер за одбрана.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека без американскиот претседател Трамп покачувањето не би можело да се случи, а Трамп пак рече дека зголемување на трошоците за одбрана е „монументална“ победа за Соединетите Американски Држави.

-А Европа што презема поголема одговорност за сопствената безбедност ќе помогне да се спречат идни катастрофи како ужасната ситуација со Русија и Украина. И се надеваме дека тоа ќе се реши, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

-Заедно, сојузниците ги поставија темелите за посилен, пофер и поопасен НАТО. Лидерите на НАТО се согласија за планот за инвестиции во одбраната од Хаг. Ова ќе поттикне квантен скок во нашата колективна одбрана. Тие се согласија да ги зајакнат нашите одбранбени индустрии, што не само што ќе ја зголеми нашата безбедност, туку ќе создаде и работни места. И ние ја потврдивме нашата непоколеблива поддршка за Украина. Сето ова е клучно. Тоа значи дека без оглед на предизвиците со кои се соочуваме, кои се од Русија или тероризам, сајбер напади, саботажи или стратешка конкуренција, овој сојуз е и ќе остане подготвен, спремен и способен да ја брани секоја педа од сојузничката територија, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Македонската делегација кратка средба имаше и со американскиот претседател Доналд Трамп, а импресиите попладнево на прес конференција ги сподели претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Што си кажавме со господинот Трамп? Да, тој, морам да кажам дека со него беше господинот Џе Ди Венс и тој го познава нашиот министер за надворешни работи. Да, дури мислам дека рече дека може и да не посети. Што си кажавме? Дека е добро што сме, тоа беше мојата изјава. Да, јас кажам дека сум македонска председателка и дека прв пат учествувам на овој самит, но дека ги делам вредностите и кои што ги дели и мојот народ и дека , ќе ги соопштам нашите ставови. Да, интересно беше тоа дека зборував, се разбира, неговата реакција. Зборувам за говор на телото, бидејќи кога потсетив на господинот Кенеди, се разбира и неговата улога. Дека може и САД денес да има таква улога во поглед на прашањата врзани за мирот кој се исто толку важни, изјави Гордана Силјановска Давкова, претседателка.

Во исто време додека се носеше историската одлука, демонстранти блокираа дел од центарот на Хаг седејќи пред бензинска пумпа. Најмалку едно лице е приведено од страна на полицијата.

Денеска завршува НАТО Самитот кој пак беше прв за Доналд Трамп откако е реизбран за претседател. И бидејќи Холандија е на врвот од земјите по транспарентност, за овој НАТО Самит потрошени се 184 милиони евра.

Јовица Пауноски, ТВ21, Хаг, Холандија.