Осминафиналниот натпревар на Светското првенство меѓу Англија и Мексико, кој треба да се одигра во понеделник, најверојатно ќе биде поместен во поранешен термин поради најавите за екстремни временски услови, вклучувајќи силни грмотевици и обилни врнежи од дожд. ФИФА води разговори за промена на терминот, но конечна одлука сè уште не е донесена.
Според предлогот, натпреварот на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, наместо во 18:00 часот по локално време, би започнал шест часа порано – во 12:00 часот. Тоа значи дека во Македонија натпреварот би се играл во недела навечер, наместо по полноќ.
Причината за можната промена се временските прогнози кои најавуваат силни грмотевици токму во првично предвидениот термин. Според правилата на турнирот, доколку гром биде регистриран во радиус од 13 километри од стадионот, натпреварот автоматски се прекинува најмалку 30 минути.
ФИФА ја разгледува оваа можност и врз основа на искуствата од минатогодишното Светско клупско првенство, кога поради временските услови беа забележани шест значителни одложувања. Веста ги изненади претставниците на Англиската фудбалска асоцијација, кои за можната промена дознале преку медиумите.
Од ФИФА соопштија дека одлуката сè уште не е донесена, но потсетија дека согласно правилникот имаат право да ги откажат, одложат или преместат натпреварите доколку тоа го наложуваат околностите.
Покрај временските услови, дополнителен предизвик за фудбалерите ќе бидат високите температури и надморската височина. Се очекува температурата на пладне да достигне околу 26 степени, додека навечер би била значително пониска. Дополнително, квалитетот на воздухот во Мексико Сити е полош во текот на денот.
Стадионот „Ацтека“ се наоѓа на 2.240 метри надморска височина, што го отежнува дишењето и предизвикува побрз замор кај играчите. Селекторот на Англија, Томас Тухел, призна дека неговата репрезентација тешко може да се приспособи на таквите услови.
Можното поместување ќе создаде дополнителни проблеми за навивачите кои патуваат во Мексико, особено за оние кои треба да пристигнат во недела наутро. Од друга страна, пораното одигрување би можело да ги намали безбедносните ризици во Мексико Сити и да спречи евентуални инциденти по завршувањето на натпреварот.
