Наумоски: Агресијата на Русија врз Украина нема силно да се одрази врз македонската економија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во „Клик Плус“ на ТВ21 вечерва дебатираме за тоа како агресијата на Русија врз Украина ќе се одрази врз македонската економија. Гости се Дејан Бешлиев, претседател на македонско-руската стопанска комора, потоа Дрилон Исени, извршен директор на СКСЗМ и проф. Синиша Наумоски од НБРМ.

Според Наумоски, агресијата на Русија во Украина нема силно да се одрази на македонската економија, но рече дека индиректно не е познато каков ќе биде фитбекот од оваа агресија.

„Согласно стручната јавност македонските банки немаат поврзаност со руските банки. Втор значаен факт, македонската економија не е директно поврзана со руската. Трговијата е некаде 2%, од вкупната трговска размена. Странските директни инвестиции се 0,5%, и девизните дознаки кои се значаен мотиватор на македонската економија, односно руските дознаки во Македонија учествуваа само со 0,1 %. Директно влијанието нема да се одрази силно врз македонската економија, но индиректно не знаеме што ќе биде фитбекот од европските земји, а ние сме суфицитарно зависни од размената со Германија. Знаете колку германски компании имаме во техничко-индустриските зони. Да не заборавиме дека Русија е најголем извозник на енергенси и метали“, изјави Наумоски.