„Не треба да трпам шамари и навреди, за да не останам со детето на улица“, „не сакаме жалење, сакаме права“.
Со вакви пораки, десетици самохрани родители заедно со нивните деца се собраа во паркот Жена борец, изразувајќи го своето незадоволство во врска со нивните права.
Одредувањето термини за семејства со самохран родител и еден родител, дефинирање на постојани права и нивно реформулирање, помош за самите мајки и решавање на прашањето за нивно сместување, создавање механизми за квалитетно вработување на самохраните мајки, се некои од барањата упатени до владата.
Со извици и транспаренти во рацете родителите маршираа од паркот до Министерството за труд и социјална работа.
Мирниот марш имаше за цел подигање на јавната свест за секојдневните проблеми со кои се соочуваат семејствата со еден родител и со самохран родител. Министерката за труд и социјална работа Јована Тренчевска вчера рече дека Владата и Министерството се отворени и расположени за сите потреби и предизвици со кои се соочуваат самохраните родители но и другите граѓани кои имаат потреба од помош.
