„Не се вика приговор, туку забелешка“, судијата го опоменува адвокатот на Палчо дека не знае да поставува прашања

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Судијата Ивица Стефановски неколку пати ги опомена адвокатите на одбраната за нарушување на судската процедура, истакнувајќи дека поставуваат вкрстени прашања за време на директни испрашувања и обратно.

Откако сведочеше Ерол Османи, првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо се обиде на судијата да му приложи дополнителни докази. Меѓутоа, судијата остро го одби барањето. „Сега јас не ви примам докази. Си имате адвокати. Јас навистина не ве разбирам. Постапката е јасна,“ изјави Стефановски.

Тензијата се зголеми кога адвокатот на Палчо реагираше гласно, велејќи дека ќе поднесе приговор. Судијата веднаш го коригираше: „Не се вика приговор, туку забелешка.“

По завршувањето на сведочењето, судијата го повика адвокатот да ја изнесе својата забелешка, но адвокатот одговори: „Тоа ќе го кажам во завршните зборови.“

Овие моменти покажаа значителни тензии помеѓу судот и одбраната, при што судијата постојано инсистираше на почитување на судската процедура. Судскиот процес продолжува со нови сведочења.

Веднаш по почетокот на сведочењето на вториот сведок, судот донесе решение со кое се опомена адвокатот Јовица Страшевски да ја почитува судската процедура.

Судијата забелешки имаше и кон прашањата кои ги поставува јавниот обвинител.

За време на вториот сведок, судијата повторно се обрати кон еден од адвокатите на одбраната:

„Ај ве молам седете како што треба, во судница сте“.

И тука не беше крајот. Следуваше нова опомена за време на вкрстените прашања кон сведокот Ламбе Бучков.

„Ај ве молам извадете ги рацете од џебовите“, рече судијата Стефановски.

Денеска сведочат лицата Еролд Османи, Ламбе Бучков и Стефан Димовски.